Фудбалот се враќа во Велес: ФК Гемиџии ќе се бори за Прва лига
Фудбалскиот клуб „Гемиџии” oд Велес добива нов сопственик. Бизнисменот Кочо Анѓушев го презема работењето на клубот и од оваа сезона тој е негов спонзор. На заедничка средба со велешкиот градоначалник Славчо Чадиев беа разгледани и сооштени сите детали околу следните чекори.
-„Со задоволство можам да кажам дека во следниот период Велес полека но сигурно ќе се врати на фудбалската мапа, односно за неколку години во нашиот град да гледаме прволигашки фудбал. Разговаравме и за некои други поединости околу целокупната организација на овој проект, поточно во делот на можностите со кои Локалната самоуправа може да помогне за развој на фудбалот.” – рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Од страна на градоначалникот Чадиев на новиот спонзор Анѓушев му беше посакан голем успех во понатамошното работење со овој клуб, со надеж да се исполнат неговите замисли и за многу скоро да се гордееме со овој велешки фудбалски клуб.
-„Како човек којшто е роден, пораснал а сега и сеуште работи во овој град преку фабриката „Брако”, контиунирано се трудам колку што биле моите можности да вратам нешто во општеството. По завршувањето на фрескоживописот во новата црква, сега лично сакам да помогнам во спортот. Во таа смисла, ќе преземеме еден третолигашки клуб од Велес кој беше формиран од страна на г-динот Лазар Ракиџиев. Понатаму ќе направиме еден сериозен план кој веќе е ставен на харија, и во соработка со градоначалникот и општината, би направиле за две години еден прволигашки клуб којшто се надеваме дкеа во еден период од четири до пет години ќе го видиме барем едно коло низ Европа. Како сите проекти што сум ги преземал во животот, така ќе гледам и овој проект да биде успешен.” – рече г-динот Кочо Анѓушев.
Инаку финансирањето на овој клуб ќе биде исклучиво од средства на фирмите со кои управува и има сопственост бизнисменот Анѓушев. Финансирањето е веќе обезбедено за оваа година. Според најавите останува обврската во следните пет години финансирањето да биде стабилно и да работењето на клубот биде колку што е можно попрофесионално.
Од страна на г-динот Лазар Ракиџиев беше изразено големо задоволство што клубот го отстапува во сигурни раце, со желба да се продолжи со голем успех во натпреварувањата, претставувајќи го Велес ширум државата и регионот.
Тренер на екипата ќе биде докажаниот фудбалер и спортски работник Пане Блажевски, а во клубот покрај истакнати и искусни велешки фудбалери ќе има и неколку нови имиња од македонскиот фудбал.