Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ја информира јавноста дека на ден 18.09.2015 година е потпишано Решението за свикување на 41-тата седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот договорено е седницата да се одржи на 25.09.2015 година (петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот.
За 41-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1.Предлог-одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес.
Со оваа Одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година, се врши проширување на средствата во Буџетот во колоната за донации во вкупен износ од 21.055.130 денари.
Најголемиот дел од овие средства (20.715.230 денари) се одобрени од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност во рамките на Програмата Еразмус, на две средни училиште: ОСУ „Јовче Тесличков” и СОУ „Гимназија Кочо Рацин”.
Останатите средства во износ од 339.900 денари се одобрени како Гранд од Советот на Европа за програмата „Регионална поддршка за инклузивно образование по проектот Инклузивно училиште скроено по мерка на учениците на ООУ Васил Главинов”.
Поради ова, пторебно е проширување на Буџетот за 2015 година, во колоната за донации и тоа како во приходниот така и во расходниот дел.
2.Предлог-одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти во Општина Велес.
Угостителите при вршењето на угостителската дејност се организирани со работно време, кое е определено со Законот за угостителска дејност. Согласно овој закон предвидено е дека Советот на општината за одредени туристички, културни и друг вид на манифестации , содржани во годишните програми, може да донесе одлука и да го продолжи работното време на угостителските објекти за два часа, во период најмногу до три дена.
Поради престојниот традиционален Фестивал на питите и виното и одржувањето на манифестацијата „Велешка пита пастрмајлија-2015“, се предлага донесување на оваа Одлука со која на сите угостителски објекти кои егзистираат во градот им се продолжува работното време уште за два часа од утврденото (регистрираното) работно време.
3.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2015 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата за 2015 година се вршат поради потребата од прелевање на средства во програмата од една во друга ставка, како и од прелевање на средства од други програми. Ова е заради зголемената потреба од средства во позицијата „Фестивал на пити и вино“. Ставките од кои се врши прелевање на средствата се или веќе реализирани манифестации каде има остаток на средства или инвестиции кои реално нема во целост да се реализираат до крајот на годината.
При оваа измена на програмата водено е сметка со намалување на средствата во одредени позиции да не се доведе во прашање нивната реализација.
4.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на промоција и комуникација со јавноста и меѓународна соработка во 2015 година.
Промените во оваа програма се наметнуваат од зголемената потреба од печатење на промотивни материјали произлезена од проектот „Велес град на културата“, како и потребата да се обноват промотивните материјали за Општина Велес. Туристичкиот водич изработен пред 4 години е веќе потрошен, а на Велес му претстојат презентации на меѓународен план – на разни саемски манифестации каде се претставува посебно и во рамките на Вардарскиот плански регион. Факт е дека за овие 4 години се направени големи измени во инфраструктурата на градот, изградени се нови објекти кои треба да бидат презентирани во новиот промотивен материјал.
Ставката за престој на странски делегации во Велес се зголемува затоа што за Денот на Општина Велес се очекуваат гости од сите збратимени градови.
Средствата за зголемување на оваа Програма се обезбедуваат од Програмата за активностите на Општина Велес во областа на здравствената заштита за 2015 година. Ова е од причина што истите средства за оваа намена беа предвидени и во Програмата за уредување на градежно земјиште на територијата на Општина Велес.
5.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на образованието во 2015 година.
Промените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на образованието 2015 година се вршат поради направените измени во висината на блок дотациите за основно и средно образование што се трансферираат од Буџетот на РМ на Општина Велес. Исто така направена е и корекција и додадени се и пренесените вишоци од ставката за самофинансирање во основно и средно образование.
6.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на спорт и млади во 2015 година.
Промените во оваа програма се вршат заради потребата да се обезбедат средства за нормално функционирање на Градскиот ракометен клуб „Борец“ што се натпреварува во ракометната супер лига.
Со самиот факт дека клубот е дел од најелитната група ракометни клубови и трошоците предизвикани за редовните гостувања и натпреварите што се играат на домашен терен се поголеми.
Исто така дел од средствата од оваа Програма се пренаменуваат во Програмата за култура – ставка „Фестивал на пити и вино – Питијада 2015“.
7.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2015 година.
Повлекувањето на средствата во износ од 500.000 денари се врши затоа што средства за оваа намена има предвидено и во Програмата за уредување на градежно земјиште на територијата на Општина Велес. Овој превид е направен затоа што до пред една година Советот на Општина Велес не донесуваше посебна програма за здравствена заштита, а вкупниот третман на бездомните животни се финансираше од Програмата за уредување градежно земјиште. Според динамиката на активности во глава „меѓуинституционалната соработка“ – „партнерски проекти со граѓански организации“ до крајот на тековната година за реализирање на активностите доволни се 50.000 денари. Овие средства во висина од 550.000 денари се прераспределуваат во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на промоција и комуникација со јавноста и меѓународна соработка во 2015 година.
8.Предлог-програма за изменување и дополнување на програмата за активностите на Општина Велес во областа на развојот на информатичката технологија (ИТ) во 2015 година.
Измените и дополнувања на Програмата се резултат на усогласување на износите на планираните проекти, со добиените цени на услугите како резултат на завршените процеси на јавни набавки и реалните проекции на можните инвестиции до крајот на тековната година.
9.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес за 2015 година.
Измената и дополнувањето на програмата е поради реализација на повеќе проекти кои се завршени со помалку средства од планираните, затоа овие средства се прелеваат во друга ставка на проекти кои се во тек или ќе се започне со нивна реализација. Во програмата има минимални зголемувања на вкупната сума на средствата кои се предвидени поради зголемен обем на активности за реализација на инфраструктурата во индустриска зона Караслари.
10.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и управувањето со кризи во 2015 година.
Потребата од измененување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и управувањето со кризи во 2015 година, произлегува од доставеното известување од Министерството за финансии од 01.09.2015година, со кое не известуваат дека поради изменувањето на Буџетот на РМ за 2015 година, е направен преглед на наменски и блок дотации за делегираните надлежности по општините за 2015година. Со ова изменување се врши распределба на наменските и блок дотации во повеќе области како и за противпожарната заштита. Според доставениот преглед проценетиот износ на дотациите за оваа област за 2015 година е во износ од 433.000 денари.
Од оваа причина се предлага изменувањето во делот на плати, наемнини и надоместоци за вработените, зголемувајќи ја ставката за 433.000 денари. Додека делот кој се однесува за Набавка на теренско возило (лада нива) средствата се зголемуваат, а се обезбедуваат од ставка за „Набавка на опрема за поплави и средства“.
11.Предлог-решение за давање согласност за измена на Статутот на ученички дом „Лазар Лазаревски“.
Од управниот одбор на ОУД „Лазар Лазаревски“ Велес пристигна допис за изменување на нивниот Статут, согласно донесената Статутарна одлука за измена на Статутот на ОУД „Лазар Лазаревски“ донесена од управниот одбор. Според Законот за ученички согласност на Статутот на општинскиот Ученички дом дава Советот на општината. Измената се однесува на промена на денот на одбележување на патрониот празник кој до сега се празнуваше на 24 Април, а со измената ќе биде 25 Октомври.
12.Предлог-годишна програма на ООУ „Св.Кирил и Методиј“ Велес за учебната 2015/2016 година.
13.Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Васил Главинов“ Велес за учебната 2015/2016 година.
14.Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Блаже Конески“ Велес за учебната 2015/2016 година.
15.Предлог-годишна програма на ООУ „Благој Кирков“ Велес за учебната 2015/2016 година.
16.Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ Велес за учебната 2015/2016 година.
17.Предлог-годишна програма на ООУ „Рајко Жинзифов“ с. Долно Оризари за учебната 2015/2016 година.
18.Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ с.Иванковци за учебната 2015/2016 година.
19.Предлог-годишна програма за работа на ООМУ „Стефан Гајдов“ Велес за учебната 2015/2016 година.
20.Предлог-годишна програма за работа на ОСУ „Јовче Тесличков“ Велес за учебната 2015/2016 година.
21.Предлог-годишна програма за работа на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Велес за учебната 2015/2016 година.
22.Предлог-годишна програма за работа на ССОУ „Коле Неделковски“ Велес за учебната 2015/2016 година година.
23.Предлог-годишна програма за работа на ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес за учебната 2015/2016 година.
Годишните програми за воспитно-образовната работа на општинските средни и основни училишта, за учебната 2015/16 година, се краткорочни развојни документи и претставуваат оперативни планови за работа со кој е програмирана целокупната работа. Тие се подготвуваат за да бидат носител и столб на сите процеси во училиштата кои се планираат и ќе се реализираат во текот на оваа учебна година која што неодамна отпочна. Во согласност со законските прописи, Советот на Општина Велес како основач на овие образовни институции е должен да ги разгледа и да се произнесе по годишните програми.
24.Извештај за работата на ЈКП „Дервен“ во период од 01-06 месец за 2015 година.
25.Извештај за работа со финансиски резултати на ЈПССО „Парк Спорт“ Велес за периодот од 01.01.2015 година до 30.06.2015 година.
Во согласност со Законските прописи до Советот на Општина Велес е стигнато барање за разгледување на Извештаите за работата на ЈКП Дервен и ЈПССО „Парк Спорт” за период од I-VI месец во 2015 година. Извештаите се претходно усвоени од управните и надзорните одбори на двете институции.
26.Информација за број на запишани деца во општинските основни и средни училишта за учебната 2015/2016 година.
Согласно Законот за основното образование децата во прво одделение во основното образование се запишуваат во месец мај за следната учебна година. Запишувањето на учениците во средните училишта е по пат на јавен конкурс кој го распишува Министерството за образование и наука најкасно до 31 март за тековната година. На тој начин идните средношколци добиваат информација за наставните струки и профили што ќе бидат застапени во училиштата. По завршување на сите уписни рокови се изработува оваа информација во која се прикажани запишаните ученици во основните и средни училишта во Општина Велес.
27.Информација за работа на Полициската станица Велес за периодот Јануари-Јуни 2015 година.
Согласно Законот за полиција, а врз основа на извршените работи и задачи од страна на ПС Велес во текот на првото полугодие од 2015 година до Советот на Општина Велес доставена е информација за извршените работи и задачи на полициската станица Велес за периодот Јануари-Јуни 2015 година. Советниците на 41-тата седница, ќе ја разгледаат оваа информација и ќе се произнесат по истата.
28. Советнички прашања.
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со последната 28-ма точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 41-та седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 24-ти септември 2015 година.
Ви благодарам!