Меморијален ракометен турнир „Ѓорги Гајдов“
Во чест на легендарниот репрезентативец,
популарниот тобџија и една од најголемите ракометни ѕвезди на Велес и
Македонија, во спортската сала на ЈП „Парк-спорт“, во
организација на Општина Велес и РК „Борец“ се одржа првиот меморијален
ракометен турнир „Ѓорги Гајдов“.
Меморијалниот турнир свечено го отвори
Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски кој укажа на значајната
улога што Гајдов ја одигра во промоцијата на велешкиот ракомет во
земјите на поранешна Југославија и во повеќе земји во светот. „Врвните
резултати на Гајдов беа и остануваат патоказ и пример за сите генерации
ракометари. Неговиот матичен клуб „Борец“ ја сочува приказната за
Гајдов, а таа од денес и во годините што следат ќе ја пишувате Вие што
под знамето на „Борец“ ќе се борите за нови поголеми спортски
резултати“, рече Коцевски.
Панче Николов, тренер на РК „Борец“ изрази надеж дека во името на велешката спортска легенда Ѓорги Гајдов, Велес повторно ќе дочека времиња „кога нашите ракометари ќе бидат достоинствени противници на ветераните од клубовите од поранешна Југославија.
Победник на првиот меморијалниот ракометен турнир „Ѓорѓи Гајдов“ е екипата на РК „Младост“ од Богданци. Екипата на РК „Тутунски комбинат“ од Прилеп го освои второто место, додека домаќините РК „Весна“ и РК „Борец“ се пласираа на третото и четврто место. Меморијалниот турнир го врати спортскиот дух и влеа надеж за подобри времиња за велешкиот ракомет. Турниорот се одржа на иницијатива на матичниот клуб на Гајдов, „Борец“ која беше поздравена од сите љубители на спортот во локалната заедница. Инаку на големиот велешки спортист Ѓорги Гајдов во чија чест се одржа турнирот постхумно во 2005 година му беше доделено највисокото општинско признание, спомен плакета 9-ти Ноември.

