Ден на дрвото 2010 – Претседателот им се придружи на велешани

Ден на дрвото 2010На површина од 20 хектари, на локациите Езеро Младост, Новачани и Караслари, велешани засадија 50.000 садници на багрем, чемпрес, јавор и јасен. На 30-ти март годинава, масовната акција „Ден на дрвото“ окажа дека граѓаните се грижат за еколошката иднина на Македонија и она што во наследство ќе им го остават на идните генерации. Крај езерото Младост на велешани им се придружи и Претседателот Ѓорги Иванов кој заедно со Градоначалникот Горан Петров и иницијаторот на акцијата, оперскиот пејач Борис Трајанов засади зимзелена садница како симбол на поддршка за акцијата. „Треба да се гордееме што акцијата ги сплотува граѓаните без оглед на нивната верска, етничка или социјална припадност“ рече Претседателот кој изрази задовоство што оваа благородна акција е прифатена како регионална на самитот во Копенхаген и што ја има поддршката на младите генерации во Македонија.

Градоначалникот Горан Петров изрази задоволство од масовноста и вољата на велешани да се вклучат во акцијата „Ова е израз на желбата за почиста животна средина за градот“, Рече Петров. Регионалниот карактер на пошумувањето го поздрави и иницијаторот, Борис Трајанов кој оцени дека според масовноста годинава акцијата е најуспешна.

Во Акцијата „Ден на дрвото“ 2010 се вклучија граѓани, вработени во институциите на централно и локално ниво како и припадници на АРМ. Посебни симпатии кај присутните предизвика присуството на најмладите велешани од градинката „Димче Мирчев“ кои имаа можност на лице место да ги научат придобивките од акцијата за пошумување. Акцијата истовремено се одвиваше на целата територија на Македнија како и во пограничните региони со соседните држави. Според информациите што ги пренесоа медиумите на национално ниво, во рамките на акцијата, во Македонија се засадени 7 милиони дрвца.