Интегрирани еколошки дозволи

ImageСтартува процедурата за издавање на Интегрирани еколошки дозволи

Согласно новата законска регулатива, единиците на локалната самоуправа добија поголем обем на надлежности во делот на заштитата и унапредување на животната средина.
Според Законот за животна средина, од 01.01.2006г. започнува постапката за издавање на А и Б интегрирани еколошки дозволи.

Системот на интегрирани дозволи предвидува издавање на:
  • А интегрирани дозволи кои ќе ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Овие инсталации ќе треба да ги исполнат барањата за Најдобри Достапни Техники (BAT). Крајниот рок за постигнување на согласност со BAT (Best Avilaible Techniques) е 2014г.
  • Б интегрирани дозволи кои ќе ги издаваат единиците на локалната самоуправа. Инсталациите што ќе подлежат на овие дозволи нема да бидат должни да ги исполнуваат барањата на BAT, туку само да бидат во согласност со стандардите за гранични емисиони вредности.
Имплементацијата на процесот за добивање на интегрирана еколошка дозвола (Integrated Pollution Prevention and Control - IPPC) е обврска на операторите на производните капацитети, со цел да се обезбеди остварување на економски развој без деградација на животната средина.
Операторите на постојаните инсталации (производни капацитети) се должни да обезбедат Дозвола за усогласување со оперативен план како услов за продолжување на работата на инсталацијата.
Операторите се должни барањето да го достават до надлежниот орган во согласност со временскиот распоред опишан во Уредба за определување на активностите на инсталациите за кои се издава интегрирана еколошка дозвола односно дозвола за усогласување со оперативен план и временски распоред за поднесување на барање за дозвола за усогласување со оперативен план, започнувајќи од 1.01.2006 до 31.12.2009 г. Секој индустриски сектор има посебен временски интервал за поднесување на барање до надлежниот орган.
За оваа цел, Министерството за животна средина и просторно планирање има изготвено Правилник за постапката за издавање дозвола за усогласување со оперативен план во кои се пропишуваат формата, содржината и начинот за доставување на барањето за усогласување со оперативен план, како и документацијата која се приложува кон барањето.
Добивањето на интегрирана дозвола е сложен процес кој може успешно да се оствари доколку органите за издавање дозволи и операторите на производните капацитети се ангажираат во меѓусебна конструктивна соработка.
Првиот чекор на Општина Велес е направен – изготвена е база на податоци на производните капацитети во општината кои треба да аплицираат за добивање на дозвола.
Заради олеснување на процесот, Ви го препорачуваме Општиот водич за ИСКЗ (Интегрирано спречување и контрола на загадувањето).
За сите дополнителни информации, Општина Велес е отворена за помош и соработка.