Децата на Велес „вистински“ ја дочекаа пролетта

Image Над две илјади деца од основните училишта и предучилишната установа „Димче Мирчев“ распеано, со многу сонце и радост ја дочекаа новата пролет.
Годинава манифестацијата „Денови на екологијата 2006“ започна во знакот на бојата на екологијата и бојата на Европа. Спојувањето на еколошката борба на велешани со желбата за влез во Европската Унија ја поттикна Општина Велес манифестацијата да ја наслови “Зелено и сино“.

Пролетта овојпат беше вистинска со многу сонце, песнопојни птици и разбудено зеленило за сите деца кои уживаа во пораките на екологистите, песните и танцот во Младинскиот парк.

Image

Децата ги поздрави Градоначалникот Аце Коцевски кој меѓу другото им порача да го следат примерот на велешките екологисти и да придонесат за животот во чиста и здрава животна средина. „Нема да дозволиме агонијата во Велес што траеше 30 години да ни се повтори пак. Велес мора да ја добие битката бидејќи тој ви припаѓа вам на децата и на идните неродени генерации. Овој ден и го посветуваме и на европската пролет, европската иднина на Македонија“, рече Коцевски.

Image

Покрај уживањето во песната и играта на учесниците во програмата, децата имаа можност под отворено небо да научат нешто повеќе за климатските промени, уништувањето на озонската обвивка, биодиверзитетот, користењето на велосипедите како алтернативно превозно средство како и за значењето на Пролетниот ден во Европа.

Image

Најголемата порака упатена од Младинскиот парк во Велес беше „На патот кон Европа стремете се кон достигнување на највисоките стандарди во заштитата на животната средина зошто здравјето и животот на децата се скапоцени“.

Image

Image