Нов научен труд посветен на младите
Во рамките на 45-то издание на манифестацијата „Детски Рацинови средби“, на 15-ти ноември годинава, во ликовниот салон беше промовирана книгата „Младите и демократијата“ од Божидар Јовиќ, општински просветен инспектор. Промоцијата на книгата привлече голем интерес кај претставниците на образовните институции и научната јавност од областа на педагогијата, социологијата и другите сродни науки. Книгата ја промовираше проф д-р Васил Манчев кој го нагласи практичниот аспект на делото на Јовиќ кое може да послужи како водич и за наставниците и за родителите, но и за младите кои се во фокусот на научниот труд. За книгата зборуваше и Игор Крајчев, директор на Народната библиотека „Гоце Делчев“ кој се задржа на стилот и изразот на делото чија крајна цел е да им се доближи на сите генерации.
„Во последните години се создаваат сериозни напори во препознавање на младата генерација, меѓутоа, тоа се општи или хипотетички размислувања за младите. Нашите сознанија за младата генерација имаат за цел да ги доближат одредените информации, но тие се далеку од тоа да ги задоволат барањата и анализите на потребите на младите. Младите во суштина се определени за современ модел на демократијата и поседуваат одредени својства по кои се разликуваат од претходната генерација. Младите во современиот свет претставуваат реалност, од нив се повеќе зависи успехот во заедницата“, рече Божидар Јовиќ на промоцијата на книгата. Неговото трето научно остварување е во издание на „Просветно дело“- Скопје и може да се најде во оваа издавачка куќа. Јовиќ не застанува тука, веќе најави продолжување на својата научна работа со цел искуството и увидите во образовниот процес да ги остави во наследство на многу идни генерации.