Се сумираа резултатите од спроведување на проектот за времено вработување на 48 лица во вршење на јавни работи

Во изминатите пет и пол месеци 48 лица од Општина Велес, со финансиска поддршка на Владата на Република Македонија беа работно ангажирани во ЈКП Дервен, во вршење на јавни работи - чистење, уредување и озеленување на општината. Ова беше партнерски проект на Општина Велес, Агенцијата за вработување на РМ и Владата на РМ, за спроведување на активни политики за вработување. Севкупната проектна координација ја водеа работните тимови од Општина Велес, Центар за вработување Велес и ЈКП Дервен Велес.

Времено ангажираните лица работеа на уредување на зелените површини во општината, чистење на пристапните влезови во градот, дел од населбата Превалец, градските гробишта, брегот на реката Вардар, Дервенски поток, крајбрежниот појас на езерото Младост. Од отпад и неорганизирано зеленило се чистеа и површините пред стамбените згради во градското подрачје. По завршувањето на проектот се сумираа резултатите – исчистена е вкупна површина од 1.886.580 м2, исфрлени 1.603 м3 отпад, ангажирани 698 трактори за собирање и транспортирање на отпадот.