Еколошките мерки на БРАКО и ДИМКО МИТРЕВ на јавен увид
Раководителот за животна средина во Брако, г-дин Зоран Јаневски ја презентираше содржината на барањето, со посебен осврт на влијанијата на погонот за поцинкување на жица и фарбање на медицинска опрема врз квалитетот на воздухот и водата во реката Вардар. Предвидените инвестиции во износ од 180.000 евра ќе се спроведат до 2009 г. и се поделени во фази со конкретни активности за заштита на животната средина.
Раководителот за животна средина во Димко Митрев, г-дин Љубомир Богоевски го презентираше технолошкиот процес и влијанијата на цврстиот и течниот отпад, емисиите во атмосферата и емисиите во површинските води врз животната средина. Инвестициите се во износ од 700.000 евра и треба да се спроведат во годишни фази до 2014г. до кога е крајниот законски рок за усогласување.
Претставниците на BAS програмата кои финансиски го поддржаа изготвувањето на барањата и обучија експерти, изразија задоволство од интересот на велешките инсталации за спроведување на законските процедури и истакнаа дека Општина Велес во администрирањето на дозволите води пред ресорното министерство и другите општини.
Општ е впечатокот на еколошките НВОи дека поради присуството на Топилницата се дефокусирале од инсталациите кои со своето влијание не се занемарливи и дадоа свои коментари околу имплементирањето на оперативниот план.
Општина Велес сите ставови, забелешки и коментари ќе ги разгледа со цел да се отвори простор за донесување издржана одлука при издавањето на Дозволите за усогласување со оперативен план за овие две инсталации.