Рециклирањето предизвик за иднината

ImageПо повод 22 Април, Денот на планетата земја, во фабриката за рециклирање на пластика „Еко Ерас“, свечено беше пуштена во употреба нова опрема со која се очекува зголемување на капацитетите за рециклирање. Опремата во употреба ја пуштија Џилиен Миловановиќ, Амбасадор на САД во Република Македонија, Џелил Бајрами, Министер за животна средина и просторно планирање и Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес. Фирмата „Еко Ерас“, која  важи за најголема постројка за рециклирање на пет амбалажа во Македонија учествуваше во проектот за промоција на рециклирањето на пластика што го реализира Американската Агенција за меѓународен развој УСАИД.
 
Проектот овозможува приходи за лицата кои собираат пластични шишиња, вработувања во компаниите што се занимаваат со оваа дејност, економски развој и зголемување на извозот. Во рамките на свеченоста, Амбасадорката Миловановиќ најави проширување на проектните активности и поддршка за општините на планот на рециклирањето. „ УСАИД и нејзините партнери ќе работат со општините кои ќе бидат вклучени  во проектот. Во тие општини, контејнери за рециклирање ќе бидат обезбедени на сите јавни места и деловни објекти за да се направи рециклирањето поприфатливо“, рече меѓу другото Миловановиќ.

Поздравувајќи ги заложбите на УСАИД и фирмата „Еко Ерас“ за зајакнување на капацитетите за рециклирање на пет амбалажа, Министерот Бајрами истакна дека министерството за животна средина и просторно планирање  ги поддржува и ќе продолжи да ги поддржува сите активности кои водат кон здрава и чиста животна средина.

Честитајќи им го Денот на планетата земја  на сите љубители на природата и екологијата градоначалникот Аце Коцевски укажа на неопходноста од зајакнување на свеста на граѓаните. „Ако се потребни 100 години да се разгради едно пластично шише, не треба да заборавиме дека се доволни само неколку месеци една акција за заштита на животната средина да стане реалност или само неколку години да се воспостави функционален систем. Потребни се само јасни визии, посветеност и многу труд“, рече Коцевски кој најави развој на јавно-приватните партнерства на планот на рециклирањето.

Image Image

Љатив Беас, сопственик на фабриката „Еко Ерас“ изрази задоволство од позитивното искуство од проектот и упати благодарност за поддршката на  УСАИД. Во рамките на свеченоста беа прогласени најуспешните дизајнери на натпреварот за дизајнирање на контејнери спонзориран од УСАИД.
 
Image