Велес - најприоритетна еколошка жешка точка

ImageВо присуство на претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, НВО, локалните институции, електронските и печатените медиуми, во Општина Велес се одржа подготвителен состанок за претставување на проектот "Изработка на санациски планови со финансиски барања за елиминација на жешки точки".

Проектот го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, со финансиска поддршка од Европската агенција за реконструкција, а директен изведувач на активностите е шпанската консултантска куќа "Ептиса интернационал". Од 16 жешки точки со индустриско загадување во Македонија, Велес е избран како пилот локација за отпочнување на санациски активности на околината на Топилницата.

Во своето воведно обраќање Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Аце Коцевски меѓу другото истакна:  "Во многу наврати укажував дека справувањето со последиците од загадувањето ги надминува границите и можностите на општината и заради тоа добро е што со овој проект државата преку ресорното министерство започнува со активности во овој правец".

Г-дин Евалд Спиталер, тим лидер на проектот истакна дека по опсежна анализа на многу индикатори, најважни и пресудни при изборот на Велес за пилот локација беа јавното здравје, осетливоста на јавноста за еколошкиот проблем и економската корист и влијание.

ImageImage

Значаен дел од проектот е активно учество на јавноста во процесот, со цел да се слушне и земе во предвид мислењето на јавноста. НВО и стручната јавност од општината на подготвителниот состанок изразија спремност за активно учество, а воедно истакнаа дека државата е должна да ги покрие трошоците за ремедијација.

Д-р Бошко Ников, експерт за индустриско загадување ги запозна присутните со активностите на проектниот тим, составен од странски и домашни експерти, кој ќе изврши детални истражувања на теренот преку изведување на геоелектрични снимања и ќе ја изработи физибилити студијата за санација и ремедијација на загадените површини.

На 30.11.2007г. во Општина Велес ќе се организира донаторска конференција на која ќе се презентира физибилити студијата за ремедијација на историското загадување во Велес кое ќе ја опфати не само депонијата, туку и јавните и земјоделските површини во општината.