Со заеднички сили во борба против ракот

Здружението „Борка - за секој нов ден“ од Скопје во соработка со Општина Велес, на 21 април годинава, во Општина Велес организираше едукативно предавање за рано откривање и третман кај ракот на дојката. За превенцијата, дијагностиката и дрги стручни аспекти на заболувањето  зборуваше д-р Мери Пешева – специјалист онколог од Клиниката за радиотерапија и онкологија. Таа потенцираше дека во светот 1 од 9 жени страда од рак на дојка. „Ова е втор најчест карцином во светот и бара посебно внимание од сите што можат да придонесат во превенцијата“ – рече д-р Пешева.

Нејзиниот колега д-р  Милан Ристевски го презентираше природниот препарат „Куркумин“ кој досега покажал позитивни ефекти во третманот на карциномот на дојка. Биба Додева, претседател на здружението „Борка“ пред присутните ги нагласи активностите на здружението и можностите за превенција и помош на жените што страдаат од карцином на дојка. „Навистина се трудиме да ги смениме работите во здравството. Велес е еден од градовите каде инциденцата на ракот е сеуште висока“, рече Додева. На предавањето присуствуваше и Жаклина Јовановска – продукт специјалист од „Натура“ која на жените што се борат со болеста им препорача ефектни медециниски помагала. Пале Јанкова која го води огранокот на здружението во Велес, на заболените жени им порача да не се предаваат зошто победата над болеста е реално можна. Едукативното предавање привлече голем интерес кај лекарите и претставниците на НВО и медиумите.