Отворени 47-те „Рацинови средби“
Со положување букети цвеќе на Спомен костурницата каде се закопани моштите на Рацин и пред неговите споменици во Велес, на 10-ти јуни годинава започна 47-то издание на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“. Во своето обраќање пред споменикот на Рацин, во центарот на Велес, поетесата Вера Христова Јоциќ ја насгласи Рационовата неверојатна умешност за прекогниција па дури и за сопствената смрт, јавно разголена со стиховите „Мојата смрт е карасмрт“.
Јоциќ се фокусираше на симболичкото значење на името и именувањето на Рацин како темел за вечен живот и на љубовта како носечка енергија во животот и творештвото на поетот на срцето. Во рамките на првиот ден од манифестацијата, во ликовниот салон, Раде Силјан, претседател на Друштвото на писатели на Македонија ја промовираше книгата „Реквием за Рацин“ од академик Матеја Матевски. „Поемата Елегии за тебе - реквием за Рацин претставува комплексно творечко остварување посветено на рациновиот неповторлив творечки гениј. Без сомнение, тоа е чин на висока и заветна почит кон неодминливите книжевни вредности на Кочо Рацин, кои имаа историско значење за целокупниот наш духовен развој во изминатите децении“, рече Силјан. Во рамките на настанот беше отворена изложба на дела создадени на културната манифестација „Грнчарски средби“.
Во салата „Бели Мугри“, во присуство на гости од збратимените градови, Самобор - Хрватска, Слобозија - Романија и Сомбор - Србија, членови на МАНУ и Друштвото на писателите на Македонија како и истакнати личности од јавниот живот во Велес, 47-те „Рацинови средби“ ги отвори градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров. „Нема Македонец, нема велешанец што во своите дамари каде и да оди по белиот свет, со себе не го носи наследството на Рацин. Се чини Рациновата поезија е како цветно поле од кое сепак можеш да набереш само ракатка цветови, и погледот да ти остане гладен за сета убавина. Затоа е недоволно, секогаш недоволно она што ние го правиме за Рацин.
И покрај овие 47 години на чествување на Рациновата мисла, Рациновото битие, недостигаат многу нешта што името и творештвото на Коста Солев Рацин треба да го издигнат онаму каде што припаѓа – на пиедесталот на светската мисла, поезија и литература.Затоа Ве поканувам во годините што следат, во пресрет на 50-то јубилејно издание на Рациновите средби со Вашите идеи, размисли и предлози да придонесете во чувањето на Рациновиот свет како аманет за генерациите“, рече меѓу другото Петров. На отворањето на средбите за поетот над поетите говореше Ефтим Клетников. „ Рацин не го направи самиот изборот со кого влезе во легенда. Тој беше избран. А, на избраните никогаш не им е лесно. Раната на Рацин што ја боледуваме се покажа исцелителна за нас. Од неа моќно се крена големото дрво на современата македонска поезија“, рече Клетников во својата Беседа за Рацин. На традиционалниот поетски митинг, годинава со свои песни учествуваа 24-ца поети од Македонија, Романија, Бугарија, Грција и Украина.
Свеченото отворање на манифестацијата беше збогатено со настапот на Орхидеја Дукова во пијано придружба на Александар Манев.
Рациновите средби продолжуваат на 11-ти јуни кога во Младинскиот парк ќе бидат доделени Почесното и Рациновото признание за најдобро прозно остварување за 2010 на годинешните лауреати Жана Агеловска и Братислав Ташковски.