Доделени Рациновите признанија за 2010
На 11-ти јуни годинава, во амфитеатарот во Младинскиот парк на годинешните лауреати Жана Ангеловска и Братислав Ташковски им беа доделени „Рациновите признанија“ за 2010 година. Во свечена атмосфера, признанијата ги додели Градоначалникот Горан Петров, претседател на Организациониот одбор на манифестацијата „Рацинови средби“.
Жана Агеловска, пензиониран професор на филолошкиот факултет изјави дека Почесното Рациново признание за 2010 година ја поттикнува и понатаму да ги промовира македонскиот јазик и литература. „И понатаму ќе се трудам колку што можам повеќе да ја афирмирам македонската литература во Франција. Тоа не е секогаш лесно и зависи од издавачите, но ќе почнам да размислувам за изборот на делата кои можат уште повеќе да ја афирмираат македонската литература“, рече Ангеловска која зад себе има богат преведувачки опус на литературни дела и научни студии. Ангеловска преведе и голем број театарски претстави и македонски филмови.
„Како фундамент на нашата современа поезија името на Рацин ги втемелува сите стандарди за она што денес го нарекуваме современа македонска книжевност и афирмиран македонски јазик“ изјави писателот Братислав Ташковски, добитник на Рациновото признание за најдобро прозно остварување за 2010 година, за романот „Кафез од Гревови“. Романот е втор дел од неговата трилогија „Македоника“.
Образложението за избор на романот на Ташковски од вкупно 25 пристигнати дела го прочита д-р Маја Јакимовска – Тошиќ, член на Жири комисијата за доделување на Рациновото призанание за најдобро прозно остваруваање за 2010. 47-те Рацинови средби ги збогати настапот на Сузана Спасовска и оркестарот на Тодор Трајчевски со изведба на изворни македонски народни песни.
И годинава, организацијата на манифестацијата ја поддржа Министерството за култура. „Рациновите средби 2010“ беа затворени на 13-ти јуни со традиционалната посета и положување букети цвеќе на Лопушник, каде Коста Солев Рацин го загуби животот во 1943-та година. И овојпат настанот заеднички го организираа Општина Велес и Општина Другово.