Време за антички театар

На 17-ти јули годинава, во театарот на античкиот локалитет Стоби ќе стартува 9-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. На прес конференцијата што Организациониот одбор на фестивалот ја одржа на 14-ти јули, програмата ја претстави актерот Зоран Љутков, претседател на Организациониот одбор. „Оваа година имаме седум претстави на репертоарот од кои 2 претстави се вон конкуренција за награди. Освен античкиот театар, една од претставите „Антигона“ на „No name“ театарот  ќе се одржи пред помала публика во бањата на античкиот локалитет“, рече Љутков.

Во официјална конкуренција за награди на фестивалот ќе учествуваат претставите „Хамлет“ на Драмски театар - Скопје, „Лагата на Тиресиј“ - копродукција на „Краљевско позориште Зетски дом“ од Цетиње, Црна Гора и фестивалите „Котор арт“ и „Мес“ – Сараево, „Антигона“на „No name“ театарот од Прилеп, „Баханалии“ на Народниот театар – „ЈХК-Џинот“ - Велес, и „Цар Едип“ – куклена претстава за возрасни  на Државните куклени театри од Пловдив, Бургас и Стара Загора-Бугарија. 9-то издание на фестивалот, на 17-ти јули (сабота), во 21 часот  ќе го отвори претставата „Печалбари“ на Кумановскиот театар. Во чест на наградените на свеченото затворање на 31 јули, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе ја изведе претставата „Крпен Живот“.  Годинава  во состав на жири комисијата ќе бидат актерот Александар Ѓоргиев - претседател, актерката Јелена Жугиќ и режисерот  Дејан Дамјановски - членови. На свеченото затворање традиционално ќе бидат доделени  Гран при за најдобра претстава и наградите за  најдобар актер, најдобра актерка, режија и колективна игра. Одржувањето на на фестивалот го овозможија Министерството за култура и Општина Велес со вкупно 1.300.000 денари. Овојпат фестивалот го помагаат и Национална установа „Стоби“,  генералниот спонзор „Бовин“, официјалниот автомобил на фестивалот „Фиат“ , „Окта“, „Жито Вардар“, „Тивес“, Фондацијата „Рамковски“  и маркетинг агенцијата „Елемент ПР“.