Хамлет во Стоби

Мозаичната слика на патетиката на човештвото преточена во ликот на јунакот на сите времиња, на 19-ти јули годинава ја освои публиката во Стоби. Преточувајќи ја најголемата дилема на човековото постоење во афирмативно прашање „Да се биде или да се биде“ , режисерот Дејан Пројковски  во „Хамлет“ со своја светлина го изнесе генијот на Шекспир пред многубројните гледачи во античкиот театар. Зачудувачката апликативност на фабулата на денешното „современо“ општество и автентичната слика на сите човечки зли сили и доблести  во свет каде само театарот е вистина, ја задржа концентрацијата на публиката повеќе од 3 часа.

Првата претстава во официјална конкуренција за награди на „Стоби“ 2010 ја изведе ансамблот на Драмскиот театар - Скопје. Дејан Лилиќ во улогата на Хамлет освои овации од публиката воодушевена од катарзичната игра на  сцената. Покрај Лилиќ настапија Викторија Степановска, Бранко Ѓорчев, Катерина Коцевска, Драган Спасов, Филип Трајковиќ.... Во изјавата за медиумите Дејан Лилиќ нагласи „Сите ние, секој од нас е Хамлет“.

 

 

Режисерот Дејан Пројковски најави гостување на претставата во Англија, во септември.

Преполниот антички театар покажа зошто Стоби како и Хамлет живее над времето.