Гласот на Антигона
Да се потклекне или да им се дозволи на моралните , човечки вредности да не водат дури и по цена на животот? Ова прашање го отвори монодрамата „Антигона“ на „Но нејм театар“ од Прилеп. Во официјална конкуренција за награди на 9-то издание на ИФАД „Стоби“, монодрамата на Жаклин Басанели во режија на Багријана Попов откри нова сцена во археолошкиот локалитет. Наменета за помалубројна публика, но блиска и единствена поради контактот со древниот камен и енергијата со која Илина Чоревска ја долови Антигона на сите времиња. „Ова е приказна за млада жена која одбива да биде послушна и скршена, а одбира страсно да љуби. Секогаш ќе има по една Антигона“, вели Чоревска. Монодрамата веќе се закити со награда на Фестивалот за монодрама на Косово. Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ продолжува на 27 јули (вторник) со претставата „Баханалии“ на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.