Стартува колонијата „Папрадишки мајстори“
Од 4-ти до 13 август годинава, во организација на Општина Велес ќе се одржи 6-то издание на меѓународната сликарско - копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“. За првпат од основањето колонијата ќе се одржи во Велес, во автентичниот амбиент на староградската архитектура: куќите на Касапови и Џинот. Ова на прес конференција на 30-ти јули го соопшти Градоначалникот Горан Петров во присуство на координаторите на колонијата. „Досега имало неуспешни обиди да се стават во функција овие куќи. Идејата и целта на општината е овие куќи да продолжат да живеат со уметноста и да прераснат во своевидни куќи на уметноста“, рече Градоначалникот.
Тој нагласи дека ова е квалитативен чекор напред во развојот на колонијата затоа што на овој начин уметниците ќе имаат прекрасни пејсажи за инспирација, ќе имаат можност да го осознаат Велес,а истовремено на граѓаните ќе им се овозможи да ги посетуваат уметниците во куќите и на лице место да го следат нивното творештво. Љубомир Бисин, координатор на копаничарскиот дел на колонијата потенцираше дека она што ќе се добие со префрлањето на активностите од Папрадиште во Велес е вистинска презентација на Велес. „Ние во градот немаме колонија. Колонијата е благородна работа и нејзината цел е да биде едукативна и да им овозможи на граѓаните да го видат творењето на уметниците“, рече Ангел Коруновски, координатор на сликарскиот дел на колонијата. Годинава е најавено учество на дваесетина уметници од Македонија, Романија, Бугарија, Србија и Словенија на кои секојдневно ќе можат да им се придружат и членовите на Друштвото на ликовни уметници-Велес како и заинтересираните млади уметници.