Хуманитарна недела во Велес
Во рамките на одбележувањето на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со хендикеп во Велес се одржаа голем број настани посветени на оваа ранлива група. Одбележувањето започна во ПОУ „Маца Овчарова“ со промоција на проект посветен на сервисните дефектолози. Проектот финансиски го поддржа Општина Велес. Градоначалникот Горан Петров и претставници на општинската администрација по повод 3-ти Декември прируствуваа на традиционалната културна програма на децата од Дневниот центар за деца со посебни потреби и им предадоа пригодни подароци.
Во одбележувањето се вклучи Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа кое организира три хуманитарни концерти. На 03, 06 и 08 – ми декември во сала „Бели Мугри“ училишниот хор на ООУ „Васил Главинов“ настапува во чест на своите другарчиња со посебни потреби. Собраните средства од влезниците ќе бидат наменети за подобрување на условите на детското одделение при Општа болница – Велес и набавка на дидактички материјали. Општината откупи 50 влезници за концертите. Општина Велес до крајот на декември ќе продолжи со организација на настани од хуманитарен карактер.