„Просветно дело“ со нова книжарница во Велес
Во присуство на поголем број граѓани, обожаватели на пишаниот збор, денеска во Велес, Петре Саздов, заменик на Градоначалникот и член на Советот на Општина Велес, на свечен начин ја предаде во употреба новата книжарница на Издавачката куќа „Просветно дело“ од Скопје. Случајно или не, а сепак симболично, овој нов простор посветен на литературата во централниот дел на Велес е облагороден со споменикот на Рациновите стихови, како знак дека токму тука ќе може да се пронајде непроценливата вредност на литературното творештво. Отворањето на книжарницата на „Просветно дело“ во Велес треба да значи надополнување на празнината која подолго време се чувствува во градот на Рацин. Ова е простор каде на едно место можат да се најдат дела што ќе го задоволат вкусот на широката читателска публика и училишни помагала за најмладите . Тука може да се направи и добар избор на книга што секој би посакал да ја има во својата домашна збирка или да ја подари некому.