Импакт ја освои публиката

Првото издание на фестивалот „ИМПАКТ“  и според организаторите и според публиката ја  постигна целта : допре до љубителите на театарската уметност нудејќи им колаж од специфични театарски остварувања, неоптоварени од граници и простори.  Фестивалот кој Центарот за креативни акции и идеи „Импакт“  го  организираше со поддршка на Општина Велес и НУЦК „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ го отвори градоначалникот Горан Петров кој на организаторите им посака храброст и посветеност во негувањето на театарските традиции и развојот на театарската уметност во Велес.

Директорот на фестивалот, режисерот Александар Ивановски нагласи дека ИМПАКТ е можност театарските уметници со нови идеи и концепти да преземаат ризици и да ги надминуваат гранците. Во периодот од 18 до 21 јуни, во велешкиот театар беа изведени 8 претстави. Публиката ја освоија претставите „Дива светица-мајка кучка“на „Словенско младинско гледалиште, “Оркестра ББ“ на Факултетот за драмска уметност – Скопје, „ Мртвата Дагмар“- копродукција на   „Sfumato“ - „Based on actual event“, Република Бугарија како и продукциите на танцовиот театар. Фестивалот го затвори „Театра“ од Скопје со претставата „Мизантроп“ од Молиер. Интересот на велешката публика и аплаузите со кој ги наградија учесниците на фестивалот се потврда дека во Велес се случи нов театарски бренд што допрва ќе не освојува со магијата на новите театарски форми.