Јубилејот на „Стоби“ со нова организација
На 15 јули годинава во античкиот театар на локалитетот Стоби ќе стартува јубилејното 10-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. По повод претстојниот фестивал, на 28 јуни, во Општина Велес се одржа прес конференција на која Градоначалникот Горан Петров , Претседателот на организациониот одбор Зоран Љутков и уметничкиот директор на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ - Васил Зафирчев ги претставија измените во организацијата на фестивалот. Зафирчев нагласи дека Општина Велес годинава организацијата на фестивалот му ја довери на здружението на граѓани „Фестивал на античка драма - СТОБИ“ во чиј состав работат досегашните членови на организациониот одбор.
Градоначалникот Петров делегирањето на надлежноста за организација на фестивалот на невладиниот сектор ја оцени како чекор напред. Тој најави дека од годинава сета логистика што досега ја даваше општинската администрација се препушта на професионалци од областа на театарот и особено е важно што здружението на граѓани ќе работи 12 месеци, а не само краток период пред почетокот на фестивалот. Зоран Љутков ги информираше новинарите дека фестивалот ќе функционира како организационен одбор со извршен уметнички директор, програмски и техничко - оперативен директор.
Фестивалот веќе има своја веб страница, а сите лица вклучени во организацијата ќе работат во канцеларијата на фестивалот. Годинава Општина Велес обезбеди 1 милион денари, а Министерството за култура 700.000 денари за организацијата на фестивалот. За првпат фестивалот има и златен спонзор. Минчо Јорданов со винаријата „Стоби“ обезбеди 600.000 денари за поддршка на фестивалот. Следната прес конференција пред стартот на јубилејно
то издание на „Стоби“ ќе се одржи на 10-ти јули годинава, во хотелот „Романтик“.