Затворено 8-то издание на ИФФ „Велес“
Со ора, песни и раскошни носии од 6 земји учеснички, на 2-ри јули годинава, во Младинскиот парк свечено беше затворено 8-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“. Пред преполниот амфитеатар во Младинскиот парк уште еднаш за љубителите на фолклорот настапија фолклорните ансамбли „Младост “од Република Словачка, „Армелит груп“ од Република Турција, „Матија Губец“ од Република Хрватска, „Холанд Експрес“ од Кралството Холандија и „Доина Бараганулуи“ од Република Романија. Како претставник на Република Македонија и домаќините на фестивалот настапи велешкиот ансамбл „Керамичар“.
На свеченото затворање на фестивалот Градоначалникот Горан Петров и претседателот на Организациониот одбор Томе Јаневски на учесниците им доделија диплома за учество и статуетка со симболот на фестивалот. Градоначалникот Петров упати јавна благодарност до гостите од странство и сите ансамбли учесници од Македонија кои придонесоа за незаборавните моменти за публиката. И завршната фестивалска вечер велешани ја проследија масовно и со воодушевување од изведбата на ансамблите учесници. Фестивалот уште еднаш потврди дека прерасна во една од најзначајните културни манифестации од овој вид во Македонија. ИФФ „Велес“ 2011 се реализираше со средства од буџетот на општината како и со поддршка од голем број приватни компании. Како што најавија од Организациониот одбор, по сумирањето на сите впечатоци ќе започнат активностите за организирање на следното, 9-то издание на фестивалот.