Гемиџиите дополовија до Гевгелија

Поминувајќи над сто километри на гемија и чамци, 66 - мината учесници на Вардарската регата „Гемиџии“ 2011 на 3-ти јули годинава пристигнаа во Гевгелија. На крајната дестинација ги дочекаа Градоначалникот на Велес Горан Петров и Градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов кои симболично разменија подароци. Учесниците во регатата кои истовремено пристигнаа на целта изразија задоволство од можноста да ја оживеат традицијата на Гемиџиите и да  уживаат во средбата со Вардар. И покрај временските услови кои во текот на регатата не им беа во целост наклонети, учесниците во регатата ја остварија својата мисија. Најмладиот меѓу нив има 11 години.

Успехот на годинешната регата ги поттикна организаторите Општина Велес и Вардарскиот плански регион да размислуваат за зголемување на бројот на учесници во наредното издание на оваа возобновена традиција со вклучување на повеќе општини од Вардарскиот плански регион. Според најавите, во 2012 година  гемиџиите на новото време ќе се обидат да ја продолжат регатата до потегот пред Солун. Покрај организаторите за успехот на регатата придонесе и кајакарскиот клуб „Вардар“ чии членови со обележување на патеката им помогнаа на учесниците да стигнат до целта. Регатата од копно ја помагаа и 15 жители на Велес.