Нов антички јунак на сцената во Стоби

Во рамките на јубилејното 10-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ на 27 јули годинава, во античкиот театар во Стоби беше изведена претставата „Креонт“ во копродукција на Драмски театар од Скопје, Су Продукција и Фестивалот „Стоби", а во режија на Димче Николовски. Како што изјави Роберт Вељановски, кој ја игра улогата на Креонт, претставата е обид на еден од најзначајните антички ликови кој нема своја драма, а се појавува во античките трагедии како „Едип“ и „Антигона“  да му се посвети посебно внимание.  Љубителите на театарот имаа можност претставата да ја доживеат преку  динамичната сценографија, античките костими и спојот на познатите антички трагедии.

 

Покрај Вељановски во „Креонт“ настапија Рубенс Муратовски, Петар Темелковски и Игор Стојчевски. Фестивалот продолжува на 29 јули, кога во официјална конкуренција ќе биде изведена претставата „Електра“ во изведба на Истарски народен театар, Градски театар-Пула- Хрватска, во режија на Дамир Златар Фрај.