Чествување на празникот на патронот заштитник Св.Вмч.Пантелејмон

„Почитувани гости, браќа и сестри. Нека ни е честит празникот на  патронот заштитник Св. Вмч. Пантелејмон. Нека ние на помош и нека продолжи да го закрилува со својата исцелителна моќ градот. Нека го пази од болести на телото и душата и нека ни помогне заедно да  градиме иднина достојна за правоверни христијани“.  Со овие зборови Градоначалникот Горан Петров им го честиташе празникот на велешани, кој во голем број дојдоа во соборниот храм Св. Пантелејмон, запалија свеќа, и се помолија за здравје пред иконата на светецот.
      
Со богослужбата чиноначелствуваше поглаварот на МПЦ Господин Господин Стефан. Им порача на велешани богољубието да го најдат во Св. Пантелејмон. „Тој е пример на кој вечно треба да се угледуваме, зашто ако ни треба богољубие кај СВ. Пантелејмон ќе најдеме бескрајно почитување на Бога, безмерна верност за верата. Ако бараме човекољубие кај Св. Пантелејмон ќе го најдеме во милосрдието, во правдољубието и истинољубието Негово", рече Г.Г. Стефан.

Светецот Пантелејмон е присутен и во домовите на голем број семејства во градот. Граѓаните го слават со домашни слави и имендени. Вака му се заблагодаруваат на лекарот над лекарите, кој во четвртиот век, го спасил Велес од чумата што беснеела низ велешките сокаци, низ портите влегувала во домовите и се заканувала на многу граѓани. Велешани низ историјата постојано го чествуваат, а од ланската година со Одлука на Советот на Општината и благослов на Владиката Агатангел стана заштитиник на градот.