Заврши Сликарско-копаничарската колонија „Папрадишки мајстори“
Големото семејство на сликари, копаничари, скулптори, графичари и зографи, денес ќе ги напушти куќите на уметноста кои изминативе десет дена беа нивниот дом. На официјалното затворање на Колонијата Градоначалникот на Општина Велес Горан Петров на учесниците им врачи благодарници, со кои и симболично ја изрази својата и благодарноста на градот кон уметниците кои со нови триесетина дела ја дополнија уметничката ризница на Велес и станаа дел од плејадата творци трајно вградени во нашето култрно миље.
Оваа година на Колонијата учествуваа 24 уметника и 6 гости кои заради веќе планираните обврски не можеа да останат подолго, како Митрополитот Европски господин Пимен, професорот Глигор Чемерски, неколку уметника од Велес, од Македонија и од Србија.
Како и секоја година делата создадени на Колонијата ќе бидат претставени на изложбата организирана по повод празникот на градот 9-ти Ноември, на изложби во другите градови во Македонија и странство, за потоа да се продадат на аукција. Средствата од продажбата се наменети за хумани цели.