Августовски Топол културен бран

Вториот дел од проектот на Министерството за култура и Општина Велес „Топол културен бран“ го обележува културниот живот во Велес во периодот од 20-31 август 2011 година.
На 21 август со рок концерт на групата „Red Velvet“ во амфитеатарот во Младинскиот парк стартуваше августовскиот „Топол културен бран“. Вториот и третиот културен настан во рамките на проектот се одржаа на 23 август: концерт на Октет „Октетек“ од Љубљана, Република Словенија и гостување на изложбата на уметничка фотографија на Народниот музеј од Велес „Велес низ стари фотографии“ на манифестацијата „Старо Врање“ во Врање.

 


Октетот „Октетек“ е наследник на веќе реномираниот и светски познат октет „Десетиот брат“. Негува преработки на духовна и световна музика. Нивната беспрекорна изведба звучеше совршено во црквата Свети вмч. Пантелејмон чија извонредна акустика придонесе квалитетот на музичарите да го постигне максималниот ефект.

Во исто време Друштвото на Македонци „Гоце Делчев“ од Врање во соработка со Општина Врање успеа да обезбеди простор во Галеријата на народниот универзитет и изложбата на фотографии од стар Велес да ја вклопи во проектот „Старо Врање“.
Топлиот културен бран продолжува на 29 август со литературна средба на клубот „Кочо Рацин“ и литературниот клуб од Куманово.