44-ти Детски рацинови средби

На 17 и 18 ноември во Велес по 44 пат се чествуваше Бесмртниот Рацин! Името кое сакаше да се воспее во љубов и со тоа се врежа себеси во секој код на секој сегашен и иден велешанец, уште еднаш ги обединува младите од целата држава во можеби најмасовната и најстарата детска поетска манифестација - Детските Рацинови средби. Оваа година координатор на Детските Рацинови средби беше Библиотеката „Гоце Делчев“ од Велес, во постојана координација со Општина Велес и општинските основни и средни училишта. Активностите беа распределени во два манифестациски дена. Првиот ден започна со оддавање почит пред спомениците на Рацин, точно на пладне, а потоа следеше цел серијал од културни збиднувања во Ликовниот салон како Трибина за врската на лектирите и современото дете, портрет на Васил Куновски и промоција на „Антологијата на македонската литература за деца“ од Александар Поповски а во превод на Душан Ѓуришиќ од Црна Гора, кој беше гостин на Детските Рацинови средби.

Свеченото отворање на средбите беше закажано во првата вечер со почеток од 19 часот, а за отворени ќе ги прогласи Заманик Градоначалникот на Општина Велес, господинот Петре Саздов. Како што подоцна и самите поети-гости забележаа, овогодинешната програма се издвојуваше по својата иновативност и креативност и беше оценета како една од најдобрите во последниве години.

Детските Рацинови средби продолжија и во петок, со традиционалниот поетски караван низ општинските основни и средни училишта, а завршија со свеченото доделување на наградите во салата „Бели Мугри“.

Овогодинешната ГРАН ПРИ награда во конкуренција на прозни и поетски творби, ја доби ученичката Тамара Стаменовска од училиштето „Св. Кирил и Методиј“ од Свети Николе, прва во конкуренцијата за поетски творби беше ученичката Стефанија Ефтимова од училиштето „Крсте Петков Мисирков“ од Радовиш, а прва во конкуренција за прозни творби беше ученичката Евгенија Ѓоргиева од училиштето „Гоце Делчев“ од Виница.

И оваа година успешно работеше ликовно-вајарската работилница, сместена во ССОУ „Димитрија Чуповски“. Таму во конкуренција на вајари првото место го освои  ученичката Јулија Гоцевска  О.У „Дедо Иљо Малешевски“- Берово, а во конкуренција на ликовни творци првото место го освои ученикот Стефан Александарски О.О.У „Св.Кирил и Методиј“ - Велес.

Оваа година на Детските Рацинови средби учествуваа околу 60 деца од останатите градови и исто толку од Велес, бројка што ја прави оваа манифестација, најголема и најценета детска поетска манифестација во Македонија.