Квалитетот на наставата во фокусот

Во организација на Општина Велес, на 12-ти јануари годинава, во просториите на општината се одржа едукативна работилница за наставниците по македонски јазик и литература од основното и средното образование. На работилницата присуствуваа наставници од општините Велес, Чашка, Градско и Лозово.  Примената на највисоките стандарди во наставата, приближувањето до учениците, мотивацијата, поттикнувањето на инвентивноста и креативноста во реализацијата на наставните програми, изнаоѓањето и користењето на ресурси како и училишната етика беа само мал дел од темите разгледани на работилницата.

Присутните наставници имаа можност да дискутираат за образовните стандарди по македонски јазик и литература,организацијата на активностите по македонски јазик и литература како и за индикаторите за квалитет во наставата. Едукацијата ја отвори Марија Настова, раководител на сектор во Општина Велес, а педагошката работилница ја реализираше Божидар Јовиќ, општински просветен инспектор. Оваа работилница е само дел од планираниот циклус за едукација на наставниот кадар кој според планираната програма ќе се реализира во текот на годината. Општина Велес ги известува сите просветни работници дека во рамките на едукативниот циклус ќе организира отворена трибина на тема „Клима и култура во образовните установи“. Наставниците своите материјали на оваа тема можат да ги достават до Одделението за образование во Општина Велес најдоцна до 15-ти февруари, 2012 година.