„Блакцето на баба“ по 17-ти пат
На ден пред Прочка, во организација на Активот на жени пензионерки при Здружението на пензионери од Велес, по 17-ти пат се одржа манифестацијата „Блакцето на баба“. Оваа слатка манифестација и овој пат ги обедини пензионерките од цела Македонија кои дојдоа гордо да го покажат својот марифет и да пробаат од блакцето на пријателките. Но овој пат немаше потреба да си ги разменуваат рецептите зошто Здружението на пензионери од Велес рецептите на старските колачи ги обедини во една публикација – прирачник со рецепти „Блакцето на баба“.
Хуманата димензија и овој пат не изостана. Собраните средства беа наменети за помош при лекувањето на10 годишниот Петар Карастојанов. Градоначалникот на Општина Велес Горан Петров изрази задоволство од ентузијазмот, упорноста и креативноста на луѓето што умеат третата доба од својот живот да ја облагородат со големината на срцето и ведрината на духот. Манифестацијата „Блакцето на баба“ веќе трета година е дел од Програмата за активностите на Општина Велес во областа на здравството и социјалната заштита во делот Грижа за стари лица.