Одржани 49-тите Рацинови средби
Чествувањето на ликот и делото на Коста Солев Рацин на 49-тите Рацинови средби започна на 14-ти јуни 2012 година со оддавање почит пред сите три спомен - обележја: Спомен - костурницата, каде се наоѓаат посмртните останки на поетот, пред споменикот во паркот на Гимназијата што го носи неговото име и пред споменикот во центарот на Велес каде беседа за Рацин одржа македонскиот писател Илхами Емин. Истиот ден во 19:30 часот, во Ликовниот салон беше отворена изложбата на дела создадени на Грнчарската колонија која веќе трета година е составен дел на Средбите. Оваа година учесници на Колонијата беа грнчари од Скопје, Неготино, Куманово и Велес, а организатор на Колонијата е ЗГ „Разбој“ од Велес. Во исто време и во истиот простор беше промовиран Алманахот на 48-те Рацинови средби. Како што нагласи промоторот Игор Крајчев, ова е драгоцен архивски документ, што како пишан материјал се возобновува после 15 годишна пауза.
Свеченото отворање на Рациновите средби беше збогатено со настапот на грпата „Старовски“ чија испеана поезија беше вовед во поетскиот митинг, кој започна со стихови од Светлана Христова Јоциќ, член на Организациониот одбор на Средбите, која за жал не го дочека нивното одржување. На поетскиот митинг настапија гости од Романија, Србија, Бугарија, Украина и Македонија. Втората вечер велешките поети речитираа свои стихови во родната куќа на Рацин, а вечерта, под Рациновото знаме и светлоста на вечниот оган беа врачени рациновите признанија за 2012 година. Почесното Рациново признание му беше доделено на Костас Валетас, грчки издавач, писател, преведувач и книжевен критичар, а Рациновото признание го доби Христо Петрески за романот „Лифтот (не) е за двајца. Крајот на 49-те Рацинови средби беше во знакот на народната песна пренесена од оркестарот на Пеце Атанасовски.