Велес го славеше фолклорот
Со орото на нациите, на сцената во Младинскиот парк, на 30 јули годинава, свечено беше затворен 9-от Интернационален фолклорен фестивал „Велес“ 2012. Љубителите на фолклорот, во преполн амфитеатар имаа можност уште еднаш да уживаат во настапите на гостите од странство, ансамблите „Владени“ - Романија, „Емона“ – Словенија, „Зора“ - Унгарија, „Славица“ - Русија и домашните ансмбли „Вила Зора“ и Оркестарот на традиционални инструменти „Зора“.
На свеченоста на која им беа доделени благодарници на сите учесници, Градоначалникот Горан Петров упати јавна благодарност до анамблите учесници,сите институции, организации и поединци кои учествуваа во организацијата и го поддржаа фестивалот. Тој му порача на Организациониот одбор дека веднаш по завршувањето на ова издание треба да започнат подготовките за следното јубилејно издание кога ИФФ „Велес“ ќе прослави една деценија од основањето. Благодарност до сите учесници упати и Томе Јаневски, претседател на Организациониот одбор. Тој упати посебна благодарност до публиката која со своето масовно присуство ја даде најголемата поддршка на овој значаен културен настан. Во петте фестивалски вечери на сцената во младинскиот парк настапија 16 ансамбли од 7 земји. Учесниците на 9-то издание на ИФФ „Велес“ настапија и во општините Свети Николе, Чашка и Кавадарци.