Интензивни подготовки за почетокот на новата учебна година

На 3-ти септември започнува учебната 2012/13 година. Во основните и средните училишта, во средношколскиот дом и детската градинка интензивно се работи на уредување на објектите за прифаќање на учениците и децата.

Учениците од подрачното училиште на ООУ „Стојан Бурчевски - Буридан“ наставата ќе ја започнат во нова училишна зграда, проект на МОН и Општина Велес.

Општината утврди приорети во училишните објекти во повеќе општински училишта. Така во ПУ во с. Црквино се замени винфлекс подлогата во површина од 100м².

Во ПУ во Башино Село се изврши поправка на оџакот за непречено функционирање на топловодното греење.

Во училишната зграда што ја користат училиштата „Благој Кирков“ и „ЈХК Џинот“ се врши поправка на винфлекс подлогата на вториот кат и се поставуваат заштитни мрежи на прозорите на приземјето на зградата.

Во подрачното училиште во Клуковец до почетокот на учебната година ќе бидат санирани стреата и олуците и влезната врата на училиштето, а во ПУ во Сливник веднаш по завршувањето на проектите за водовод и канализација ќе се изврши доградба на санитарниот јазел на училишната зграда.

Во училишната зграда на „Васил Главинов“ во Велес ќе се интервенира во соблекувалните, а во ООУ „Св.Кирил и Методиј“ во уредување на училишниот двор.

На почетокот на новата учебна година учениците ќе ги пречекаат хортикултутно средени училишни дворови во сите училишта. Средствата за сите овие градежни зафати се дел од Програмата на Општина Велес во областа на образованието за 2012 година.

Но покрај уредувањето на објектите и нивната подготовка за почетокот на учебната година, Општина Велес работи и на подготовката на наставно-воспитната работа во претстојната учебна година. Ова подразбира координација на училиштата за бројот на паралелки сразмерно со запишаниот број ученици во прво одделение во основните и прва година во средните училишта, што од друга страна пак го повлекува и прашањето за распоредување на расположивиот наставан кадар според потребите во училиштата. За горе наведените прашања, како и за измените што ги носи Законот за основното образование токму во областа на прераспределување на наставниците со помал фонд часови, ќе се расправа на состанокот што Градоначалникот на Општина Велес Горан Петров ќе го одржи со директорите на општинските училишта на 23 август 2012 година.