Заврши VIII-мата Сликарско – копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“ 2012

Денес изминува десеттиот ден од VIII-мата Сликарско – копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“ 2012. По трет пат куќите на Касапови и Џинот беа дом на големото семејство на сликари, копаничари, вајари и свратилиште за сите намерници, љубители на уметноста. На официјалното затворање на Колонијата Градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров на учесниците им врачи благодарници и пригодни подароци со кои и симболично градот ја изрази благодарноста за новосоздадените дела.

 

Градот доби нови пријатели, нови хоризонти за соработка и пеесетина уметнички творби со кои се надополни културната ризница на Велес. За прв пат Колонијата се организираше како делегирана надлежност на ЗГ „Папрадишки мајстори“. Под раководство на академскиот скулптор Ангел Коруновски и копаничарот Љубомир Бисин годинава на Колонијата твореа триесетина уметници. Делата создадени на Колонијата ќе бидат претставени на изложбата организирана по повод празникот на градот 9-ти Ноември и на изложби во другите градови во Македонија и странство.