Здружението на цивилни инвалиди од војната, Локалната библиотека „Гоце Делчев“ и Општина Велес го одбележаа македонскиот ден на цивилните инвалиди од војната

По повод одбележувањето на македонскиот ден на цивилните инвалиди од војната, денеска во салата „Бели мугри“ се одржа пригодна свеченост на која пред присутните се обратија претставници на Локалната самоуправа и претставници на Здружението на цивилни инвалиди од војната. Свеченоста ја отвори Градоначалникот на Општина Велес, г. Горан Петров, кој ја истакна досегашната огромна поддршка на општината кон здруженијата кои се заложуваат за правата на инвалидите, но и најави дека општината ќе продолжи со таквата пракса.

Пообемна опсервација на досегашната работа на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната, но и презентирање на плановите за иднината, направи г. Душан Нешевски, претседател на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната.
 
Во одбележувањето на овој ден, се вклучи и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ со распишување на ликовно-литературен конкурс на тема „Експлозиите ме плашат“ на кој за учество беа поканети сите општински основни училишта. Жири-комисијата во состав Игор Крајчев - претседател, Македонка Јанчевска - член и Филип Коруновски - член, примија и разгледаа стотина творби од сите конкуренции и наградија девет творби во три конкуренции - проза, поезија и ликовна уметност. Добитници на првите награди се: Елена Кузева од училиштето „Блаже Конески“, под менторство на проф. Каролина Попова, во категоријата на прозни творби, Александар Самаров од училиштето „Васил Главинов“ под менторство на проф. Бојанка Џипунова Ташова, и во конкуренција на ликовни творби, првото место го освои ученичката Буба Мијакова од училиштето „Васил Главинов“ под менторство на проф. Јасна Мијакова.
 
За збогатување на свечената атмосфера се погрижи студиото за танци „Анабела“ со неколку танцови кореографии.