ДРАГАН СПАСОВ – ДАЦ Е ДОБИТНИК НА АКТЕРСКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВТНО ДЕЛО „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО”

Денес (07.11.2013), Комисијата за избор на добитник на актерска награда за животно дело „Петре Прличко“ во состав Васил Зафирчев, Јордан Витанов и Зоран Љутков, го соопштија добитникот на оваа престижна награда. Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2013 година му се доделува на актерот Драган Спасов - Дац. Наградата се состои од плакета со ликот на Петре Прличко, паричен износ од 30.000 денари и цветен аранжман. Истата ќе му биде врачена на пригодна свеченост во сабота во театарот ЈХК Џинот, кој во негова чест ќе ја одигра претставата ,,Ноќите во бел сатен”.

Во образложението на одлуката е наведено дека ако некој актер од помладата генерација се експонирал со толкав број впечатливи актерски остварувања, ако некој млад творец со својата продуховена и свежа игра до таа мера се наложил кај публиката и кај театарската критика – тоа е бездруго, Драган Спасов – Дац. Изразената моќ за силни уметнички трансформации ја прави неговата игра полна со нијанси, суптилна, трогателна, нежна и лирична, секогаш духовита и свежа. Со својот жив и ведар лирски темперамент, со подвижноста и еластичноста, со убавата боја на гласот и дикција, со надарената творечка фантазија за мошне природно пласирање на текстот, со моќ за убави трансформации, Драган Спасов – Дац зрачи од сцената со своите физички и психолошки нијанси и валери, суверен и убедлив во тоа што го создава, еманирајќи современа и модерна актерска игра. Тоа се несомнени причини токму нему да му се додели наградата „Петре Прличко“, со што тој станува најмлад добитник на оваа награда досега, која само ќе ги потврди вонредните резултати што ги има постигнато овој актер.