Наградата „Петре Прличко” врачена на актерот Драган Спасов - Дац

На сцената на народниот театар „ЈХК Џинот” на добитникот на престижната награда „Петре Прличко”, актерот Драган Спасов Дац, свечено му беше врачено овогодинешното признание за животно дело. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев заедно со актерите Васил Зафирчев, Јордан Витанов и Зоран Љутков кои беа дел од жири-комисијата, на Драган Спасов – Дац лично му ги доделија наградата и спомен плакетата со ликот на Петре Прличко.

Со својот жив и ведар лирски темперамент, со подвижноста и еластичноста, со убавата боја на гласот и дикција, со надарената творечка фантазија за мошне природно пласирање на текстот, со моќ за убави трансформации, Драган Спасов – Дац зрачи од сцената со своите физички и психолошки нијанси и валери, суверен и убедлив во тоа што го создава, еманирајќи современа и модерна актерска игра.

Тоа беа несомнени причини токму нему да му се додели наградата „Петре Прличко“, со што тој станува најмлад добитник на оваа награда досега, која само ќе ги потврди вонредните резултати што ги има постигнато овој актер.Во негова чест, велешкиот театар вчера ја одигра и претставата „Ноќите во бел сатен”.