Велес домаќин на натпревари од Дејвис куп
Во периодот од 5-ти до 7-ми март годинава, љубителите на спортот, поготово имаа ретка можност за првпат во Велес да проследат репрезентативен натпревар во тенис. Велес беше домаќин на натпреварот во тенис во рамките на втората Евро Африканска група од Дејвис куп натпреварувањето. Противник на репрезентацијата на Македонија беше тениската репрезентација на Босна и Херцеговина.Натпреварот се одигра во спортската сала „Гемиџии“, во организација на Тениската федерација на Македонија и тенискиот клуб „Борец“ од Велес. Велешани и останатите гости од Македонија, уживаа во тениските мајстории што ги прикажаа репрезентативците на двете држави. Победија гостите, репрезентацијата на Босна и Херцеговина со резултат 3:2.
Во првиот натпревар, нашиот Русевски убедливо го победи репрезентативецот на Босна и Херцеговина Горчиќ со 3:0. Веднаш потоа, БиХ се реваншираше со победата на Шеткиќ против нашиот Грабуловски исто така со 3:0, со што резултатот по првиот ден беше изедначен 1.1
Вториот ден се одигра натпреварот во двојки во кој нашата екипа составена од Русевски и Магдинчев полесно одколку се надевавме победи со 3:0 против Горчиќ и Шеткиќ.
Во третиот ден се надевавме на една победа што би значела и конечен триумф, ги изгубивме двата натпревари. Русевски беше поразен со 3:1 од најдобриот репрезентативец на БиХ Шеткиќ, За потоа и Магдинчев да загуби со убедливи 3:0 од Горчиќ.
Без разлика на резултатот, одличната организација придонесе за афирмација на тенискиот спорт во нашиот град. Општина Велес учествуваше во организацијата на натпреварите од Дејвис купот со обезбедување на неопходните услови со одлука на Советот на општината. За љубителите на тенисот во Македонија, натпреварите се пренесуваа на програмата на МТВ.