Честитки за одбојкарите на „Борец“

По повод успехот на младите одбојкари на „Борец“ кои на 20-ти јуни годинава го освоија првото место на Државното првенство за младинци, Градоначалникот Горан Петров  организираше  прием во општината.   „Она што вие го правите за Велес е афирмација на спортот, афирмација на одбојката како голема традиција во Велес“, рече Петров честитајќи им го успехот на раководството на клубот и младите одбојкари. Со благодарност за поддршката, Ласко Јорданов, претседател на клубот на градоначалникот му врачи благодарница и плакета.

Ова е прв ваков успех за младите одбојкари на Борец кои на 17 годишна возраст покажаа дека умеат да ги измерат силите и со многу повозрасни и поискусни одбојкари. „Направивме спој на младоста и искуството, успеавме во 6 натпревари да останеме непоразени и да се избориме финалниот натпревар  од Државното првенство за младинци да се одигра во Велес“, рече Јованче Манасков, тренер на младите одбојкари. Во финалниот натпревар тие ја совладаа екипата на „Младост“ од Штип со резултат 3:0. На средбата со спортистите, беа разгледани предлози и идеи за обезбедување на игралиште за одбојка на песок во Велес. Градоначалникот Петров кој лично ги бодреше младите одбојкари на „Борец“ на финалниот натпревар во Велес, најави поддршка на предлогот за изградба на игралиште.

 

Одбојкарскиот клуб „Борец“ кој идната година слави 55 години постоење, од септември ќе започне со тренинзи и на женската  екипа. Голема поддршка за влез на клубот во првата лига даде и АД „Брако“.