Македонската ракометна репрезентација – идол на велешките ракометари
Ракометниот спорт во Велес секогаш бил во врвот на интересот на велешани. Децении на ред велешкиот ракомет е расадник на квалитетни спортисти што достоинствено ги бранат боите на Република Македонија и го афирмираат Велес во светот. И во овој состав на Македонската ракометна репрезентација има двајца велешани – Влатко Темелковски и Дејан Манасков. Женскиот ракометен клуб „Леов Бартек“ и Ракометниот клуб „Борец“ се местата во кои се градат идните ракометни „борци“ во црвено-жолтиот дрес. Нивни идоли се македонските ракометни репрезентативци.
Европското првенство во ракомет и играта со срце на нашите ракометари никого не остави рамнодушен. На последниот натпревар од четвртфиналето меѓу армијата навивачи беа и ракометарите на велешките клубови „Леов Бартек“ и „Борец“. Патот до Белград и дружењето со репрезентативците им го обезбеди градоначалникот Горан Петров како награда за успесите што ги постигнуваат и афирмирањето на спортот меѓу своите врсници.