Стефановски рамо до рамо со светски познатите кајакари
Осумнаесет годишниот велешки кајакар, Игор Стефановски, член на кајакарскиот кану клуб „Вардар“ го освои престижното трето место на 44-от меѓународен Илинденски кајак слалом кој се одржа викендов на патеката Матка во Скопје. Тој го освои бронзениот медал во конкуренција на 60-тина натпреварувачи од седум земји. Стефановски на пиедесталот застана рамо до рамо со светски познатите кајакари, актуелниот европски шампион Симон Брус и Вид Карнер, двајцата од Словенија. Велешанецот Стефановски е единствениот кој освои медал од 15-тината македонци кои веслаа на нашата најдобра кајак патека.
За Стефановски ова е прва трка во сениорска конкуренција и со неа избори место во поширокиот список на сениори кои следната недела ќе патуваат во Словенија каде ќе се изберат најсилните тројца за македонската сениорската кајак репрезентација. Ова е најголем постигнат личен успех на Игор Стефановски на натпревар од меѓународен карактаер а во исто време и еден од најголемите успеси на кајакарите од Велес.
На изборните натпревари кои се одржаа истовремено со квалификациите за ИКАС, Стефановски во категоријата од 18 до 23 години го завзема првото место во нашата репрезентација и ќе биде предводник на европското првенство во Словенија кое ќе се одржи во месец септември оваа година.