По трет пат „Легендите“ ги освоија велешани

Велес и „Велешките легенди“ вчеравечер во полниот амфитеатар во Младинскиот парк го заокружија чествувањето на Денот на независноста, 8-ми Септември. Музичарите своите настапи на третото издание на оваа популарна манифестацијата им го посветија на своите сограѓани и колеги Милан Бошков - Мувата и Пенчо Атанасов – Мексиканецот кои ги изгубивме во 2012-та.  Преку слика и песна учесниците на манифестацијата заедно со публиката пропатуваа низ времето на многу генерации велешани и за миг се навратија на младешките денови.

Специјален гостин на вечерта беше живата поп легенда Драган Мијалковски кој ја воодушеви публиката со македонските евергрини.

Манифестацијата уште еднаш потврди дека Велес умее да ги негува своите таленти без оглед на времето и дека секогаш е извор на инспирација за многу млади генерации. На манифестацијата настапија над дваесетина изведувачи, солисти и групи кои некогаш беа во фокусот на културната јавност во Велес, во Македонија и пошироко. Настанот го збогатија и младите таленти како најава дека оваа манифестација прераснува во традиција и за постарите и за новите генерации.