КЛИМАТСКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ЗА 230 ДЕЦА ЗАБОЛЕНИ ОД БОЛЕСТИ НА РЕСПИРАТОРНИТЕ ОРГАНИ
Општина Велес ја продолжува успешната соработка со Друштвото на родители за грижа за здраво поколение кое е иницијатор на климатска рехабилитација за 230 деца заболени од болести на респираторните органи. Здружението осма година по ред со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за животна средина и Општина Велес обезбедува седумдневен престој во природа за подобрување на општата здравствена состојба преку летна климатска рехабилитација.
Годинава дечињата повторно се сместени во детското одморалиште Пелистер, а денес, на 14 август ги посетија градоначалникот на Општина Велес Горан Петров, градоначалникот на општина Илинден и Министерот за животна средина д-р Неџати Јакупи.
Градоначалникот Петров изјави „Задоволство ми е што наспроти постојните околности со економската криза, Општина Велес и годинава успеа да обезбеди средства за поддршка на климатската рехабилитација на децата кои сеуште трпат последици од тридецениското загадување со тешки метали. Годинава обезбедивме средства за рехабилитација на 10 деца. Можноста за рехабилитација на вкупно 230 деца се должи на поддршката и соработката со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за животна средина. Рехабилитацијата е потврда за успехот на партнерството на надлежните државни институции, општината и НВО секторот. Децата од Велес осма година по ред имаат можност за климатска рехабилитација во природа, а овие седум дена на Пелистер можат многу позитивно да влијаат на нивната општа здравствена состојба. Општина Велес ја продолжува успешната соработка со Друштвото на родители за грижа за здраво поколение како иницијатор на рехабилитацијата. Ние и понатаму ќе работиме во партнерство со здруженијата на граѓани на остварувањето на заедничката цел: Велес да биде убава и здрава средина за живот, особено за најмладите.“