Решението за топилница бара заеднички сили - Тужбата останува
Во рамките на престојот во Велес, Заменик - министерката за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова оствари средба со Градоначалникот Горан Петров на која покрај другото стана збор и за состојбите со решавање на проблемите со загадувањето од топилницата. Лепиткова пред медиумите потенцираше дека министерството има сериозен пристап кон решавањето на проблемите. „Министерството за животна средина и просторно планирање во овие три години направи сеопфатна студија за состојбите со конкретни мерки и решенија, дури и средства за реализација на мерките.
Ние и на правобранителството, градоначалникот и сите заинтересирани им ја даваме на увид. Се направи биохемиски атлас за Општина Велес финансиран од министерството и поддржан од меѓународни фондови. Владата даде насоки од идната година да се пристапи кон решавањето на проблемите како што се троската и ремедијација на загадените површини. Министерството продолжува и со климатската рехабилитација на децата од Велес“, рече Лепиткова.
Во контекст на препораките на научниците за дислокација на топилницата Лепиткова напомена дека како надлежно за издавање на А интегрирана дозвола, министерството воопшто нема да биде попустливо и ќе ги преземе сите законски мерки кога е во прашање топилницата. Таа потсети дека министерството изврши изнесување на киселината и најави дека во наредниот период ќе се преземаат и други мерки за деконтаминација на просторот.
Според градоначалникот Горан Петров Велес треба да ја искористи позитивната енергија и приодот на владата и ресорните министерства. За него, прифаќањето на дијалог е неизбежно посебно кога има студија што се занимава со решавање на проблемот. Досега многу организации и поединци нудеа решенија, но не беа прифатени од официјалните институции. На новинарско прашање дали општината ќе се повлече од тужбата против државата, Петров дециден: „Судскиот процес е во тек и никој не се откажал од него. Нема ниту најава дека некој ќе се откаже.Баш напротив, но тоа не значи дека ќе претставува решение. Јас пред се решението го гледам во соработка со Владата, со министерствата и вклучување на сите институции во државата во решавање на проблемот. Бидејќи гледам дека има воља, убеден сум дека тоа ќе го постигнеме“.
(17.09.2009)