Пролетта дочекана со еколошки пораки

Пролетта дочекана со еколошки пораки Најмладите велешани пролетта ја дочекаа со пораки за чиста и здрава животна средина. Манифестацијата насловена „Денови на пролетта“ ја организираше ЕД „Вила Зора“ со покровителство на Општина Велес. На 22-ри март, на плоштадот Сармаале децата од градинка,  членовите на еколошките секции и учениците од основните и средните училишта ги изразија своите мисли  и еколошките пораки симболично ги закачија на метални дрвја. На настанот, Градоначалникот Горан Петров им порача на децата и младите дека нивните мисли и ставови се сериозно сватени. 

„Пораките што денес се листови на овие метални дрва најдобро е да станат историја. Да ги оствариме сите желби напишани на нив. Во секој случај ќе ги прочитаме сите до една, ќе ги разгледаме сликовитите пораки и ќе ги имаме предвид при креирањето на активностите од областа на заштитата на животната средина“, рече меѓу другото Петров. Градоначалникот ги најави и акциите „Ден на дрвото“  и „Сите на велосипед“ кои се можност најмладите преку грижата за природата и спортувањето да ја изразат својата желба за чиста и здрава животна средина.