Велес полека но сигурно го губи мрачниот епитет „Општина со најзагаден воздух“
Согледувајќи ја потребата од соодветни информации на јавноста, Општина Велес преку својата web страница се труди да обезбеди навремени, целни, релевантни и сигурни информации за квалитетот на животната средина.Извештајот од обработени податоци за квалитетот на воздухот на Заводот за здравствена заштита Велес и Информативниот систем во Министерството за животна средина и просторно планирање ја обезбедуваат општинската главна база на податоци за животната средина.
Овие институции ги сублимираа податоците за квалитетот на воздухот за 2009г. и тоа за присуство на сулфур диоксид, чад и тешки метали во воздухот.
Заводот направи вкупно 3 415 анализи од кои може да се констатира дека во 2009 година нема регистрирано ниту еден ден со концентарции на сулфур диоксид над максимално дозволените. Повисоки гранични вредности на чад се регистрирани во 11 дена од годината и тоа во време на грајната сезона.
Резултатите покажуваат дека концентрациите на тешките метали, олово, кадмиум и цинк се под дозволените гранични вредности, што е очекувано во време на неработење на најголемиот емитер на тешки метали-топилницата за олово и цинк.
Резултатите од Националниот мониторинг систем во кој е вклучена и Општина Велес, а кој е раководен од Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека главен "загадувач" кој отстапува од граничните вредности се суспендирани честички помали од 10 микрони (респирабилна прашина), која 74 дена во 2009г. била над дозволените граници. Овие анализи ја отсликуваат состојбата со квалитетот на воздухот и даваат насоки за креирање на национална и локална политика и превземање на конкретни активности на заштита на квалитетот на амбиенталниот воздух.