Депонијата со згура мора да се реши

На 18-ти јули годинава, Министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи го посети Велес. Тој оствари средба со градоначалникот Горан Петров на која разменија мислења околу актуелните состојби со велешката топилница. Јакупи и Петров на лице место, во кругот на топилницата ја увидоа состојбата со депонијата со згура која е потенцијална опасност по здравјето на велешани. Состојбите ги усложнија и кражбите на згурата што деновиве ја брануваат велешката јавност. „Покрај еколошкиот карактер, згурата има и економски аспект кој отвора простор за решавање на оваа црна еколошка точка“, изјави за медиумите  министерот  Јакупи.

Тој потенцираше дека министерството работи на решавање на проблемот. Во моментов се работи на утврдување на најсоодветната методологија која истовремено може да го заштити здравјето на велешани и да донесе економска добивка. За министерството приоритет е да се заштити згурата од ветровите со примена на постапка за обложување на депонијата со хемикалии. Како што нагласи Јакупи, Министерството веќе подготвило студија и работи на потребната документација за привлекување на интересот на фирмите за преработка на згурата. Во меѓувреме и Општина Велес работи на изнаоѓање на решение за депонијата тешка околу еден милион тони. „Се надевам на резулати од контактите на министерството со компаниите“ изјави градоначалникот Горан Петров кој потенцираше дека за депонијата треба да се изнајде најдобро решение за целосен третман бидејќи претставува извор на загадување. Според проценките, за третманот на депонијата со згура ќе бидат потребни околу 5 милиони евра.