Нови докази за кошмарот на Велес

15 пати повисоки концентрации на кадмиум од максимално дозволените,  четири пати повеќе олово и цинк во центарот на Велес. Ова се поразителните податоци од испитувањето на почвата во Младинскиот и во Градскиот парк што пред неполн месец  ја спроведоа експерти од Природно-математичкиот факултет во Скопје. На прес конференцијата што се одржа на 23 септември годинава, резултатите ги презентираше д-р. Ненад Коциќ, претседател на Еколошкото друштво „Вила Зора“ кое го иницираше и го реализира проектот за анализи и ремедијација со поддршка на Швајцарската Амбасада и Општина Велес.

„Под итно мора нешто да се преземе. Состојбата не е веќе алармантна туку ургентна. Онаму каде што си играат нашите деца концентрациите на тешки метали се највисоки“, рече Коциќ.

Градоначалникот Горан Петров укажа дека станува збор за тешки метали од кои почвата тешко се ослободува. „Еден од начините е фиторемедијацијата или користењето на способноста на коренските системи на растенијата да ги абсорбираат тешките метали. Токму затоа го поддржуваме проектот на ЕД „Вила зора“ со кој ќе се направи фиторемедијација на парковските површини“, рече Градоначалникот. Во втората фаза на проектот ќе бидат обезбедени околу 5000 садници рози кои според научните сознанија имаат голема способност да ги абсорбираат тешките метали. „Не можеме да чекаме државата да реагира. За Велес е мошне значајно што самите граѓани покренаа иницијатива и веќе го реализираат проектот.Се надевам дека и државата ќе се вклучи“, рече Градоначалникот Петров кој упати благодарност до ЕД „Вила Зора“ за сите напори што ги прават да го заштитат здравјето на велешани. Средствата за садниците во висина од околу 6000 евра ќе ги обезбеди Швајцарската Влада. Општина Велес преку ЈКП “Дервен“ ќе вложи средства за засадување на розите и нивно одржување во парковските површини. Како што беше речено на средбата со новинарите со оглед на фактот што состојбите се поразителни и во дворовите на градинките и училиштата, оваа нова битка за деконтаминација на Велес допрва почнува.