Градоначалникот Горан Петров во посета на децата на климатска рехабилитација во одморалиштето на Пелистер
Денес Градоначалникот заедно со Министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми и Градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски ги посети децата во одмаралиштето на Пелистер. Климатската рехабилитација во одмаралиштето во Пелистер се реализира 9-та година по ред (од 2003 година) и претставува партнерски проект на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Општина Велес од самиот почеток на реализирање го поддржува овој проект. Оваа година со климатска рехабилитација се опфатени околу 340 деца во две смени. Во оваа смена во одморалиштето на Пелистер се наоѓаат 175 деца. Децата корисници на климатска рехабилитација оваа година се генерациите од 1996 - 2006 година и сите се со хронични заболувања. Најчесто хроничен бронхит, астма, анемија, алергии и други заболувања на респираторните органи.
Искуството од претходните години покажува дека овие дечиња по враќањето во Велес не користат стандардна терапија 3-6 месеци. Ова е доволна причина Општина Велес да продолжи да го поддржува проектот, затоа што децата се најважните граѓани на Велес, нашето најголемо богатство, иднината на градот. „Упатувам благодарност на Министерството за животна средина и просторно планирање за континуираната поддршка на проектот. Исто така им се заблагодарувам на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение им честитам на упорноста и доследноста, на истрајноста , да им го олеснат животот на најмладите велешани кои не по своја вина најсилно ги чувствуваат врз своето здравје последиците од загадувањето на Велес и на сите институции и поединци што даваат поддршка сите овие години“, рече Градоначалникот Горан Петров.